Обврски и права на вработените
Правата и обврските на вработените во клиниката се утврдени во Законот за здравствена заштита, Законот за вработени во јавен сектор, Законот за административни службеници и Законот за работни односи, како и во Колективниот договор на самостојниот синдикат на клинички центри и други здравствени организации во РМ.
Сите вработени во клиниката се одговорни за совесно извршување на работата на работното место на кое се вработени или работно ангажирани, во работното време и на работното место, кои што се определени за извршување, почитувајќи ја организацијата на работа и дејноста на здравствената установа.
Кодекс на однесување - Правила на однесување
Секој вработен во клиниката има обврска да ги почитува следните правила на однесување
- љубезност кон колегите, а особено кон пациентите, членовите на нивните семејства и посетителите
- почитување на личноста, авторитетот, титулата и функцијата на вработените
- меѓусебната доверба и соработка
- забрана за повишување на тонот и навреди
- чување на професионална и деловна тајна и на информациите добиени во врска со работата
Кодекс на однесување - Комуникација помеѓу вработени
Комуникацијата помеѓу вработените во здравствената установа се одвива на следниот начин:
- во текот на работното време, во работните простории и при службени комуникации, меѓусебните именувања започнуваат со титулирање и тоа: на докторите се обраќа со „доктор“ и „презиме на докторот“, а на сестрите со „сестрa“ и „име на сестрата“;
- комуникацијата со пациентите, членовите на нивното семејство и посетителите започнува со обраќање: госпоѓа/госпоѓица/господин, во второ лице множина (персирање);
- телефонската комуникација се одвива на ист начин како и непосредната комуникација и обраќање со примање на пораката и нејзино доставување во најкраток рок до оној за кого е наменета;
- службените телефонски разговори треба да бидат што е можно пократки, додека приватните телефонски разговори не смеат да се водат во присуство на пациент, или кога пациентот чека одговор од вработениот, или кога има намера да постави прашање;
- службен телефон може да се користи за телефонски разговор надвор од земјата само во службени цели, со дозвола од директорот на здравствената установа;
- сите забелешки и критики од страна на пациентите, членовите на нивните семејства и посетителите од страна на работниците се сослушуваат со трпение и почит и објаснувањата се даваат мирно и аргументирано. Кога пациентите, членовите на нивните семејства и посетителите не се задоволни од добиениот одговор, се бара посредување од главната сестра, раководител на оддел / доктор на медицина-специјалист, супспецијалист распореден на оддел или директорот на здравствената установа;
- работниците кои работат на шалтер/пулт во здравствената установа во комуникацијата со пациентите, членовите на нивните семејства и посетителите задолжително се обраќаат со: „повелете господине/госпоѓо/госпоѓице“ во второ лице множина (персирање), секогаш со јасно објаснување, со смирен тон и должна почит, при тоа имајќи во предвид дека тие се обраќаат заради потреба од укажување на медицинска помош;
- во меѓусебната комуникација помеѓу работниците во здравствената установа се негува духот и начелата на тимската работа, а преку отворена и искрена комуникација се гради меѓусебна доверба со колегите, пациентите, членовите на нивните семејства и посетителите, со цел давање на квалитетна здравствена услуга
Кодекс на однесување - Правила за професионален изглед
Вработените во клиниката ги почитуваат правилата за професионален изглед. Здравствените работници и помошно техничкиот персонал ги применуваат следните правила:
- во текот на работното време задолжително е носење на пропишана дводелна униформа, и тоа: „бела униформа и/или бел мантил“ само за доктори, „светло сина униформа“ за медицински сестри, „светло сива униформа“ за болничари, „сина односно зелена униформа“ во оперативен оддел и оддел за инвазивни интервенции, „темно црвени униформи“ со ознака „техничка служба” за персоналот од техничката служба. Административните работници, не носат униформа но имаат обврска да го почитуваат кодексот за професионален изглед.
- во случај на валкање на униформата со биолошки течности истата треба веднаш да биде променета со нова чиста униформа.
- носење на идентификационата ознака е задолжително за секој работник во здравствената установа и истата содржи: назив на здравствената установа и одделот како и име и презиме, титула, при што името и презимето со титулата се напишани со поголем фонт во однос на другиот текст на ознаката.
- носењето на униформа или ознака која е пропишана за работникот.
- облеката на работникот за време на работното време треба да биде пристојна и уредна.
Кодекс на однесување - Основни права на работниците
Работниците во здравствената установа имаат право:
- на правичен однос кој се заснова на почит и учтивост од страна на пациентите.
- на целосни информации од пациентот или неговите роднини за здравствената состојба.
- да ја одбијат желбата на пациентот ако е спротивна на правилата и прописите, професионалните стандарди и етика.
- да го предупредат пациентот доколку се однесува несоодветно.
Кодекс на однесување - Предупредувања
Кодекс на однесување - алерт 1
Работникот има право да одбие да изврши некоја здравствена услуга, ако има етички или личен конфликт со пациентот, освен ако пациентот е во животно загрозувачка состојба или му е потребно укажување на итна медицинска помош.Клиниката во вакви случаи треба да обезбеди преглед од друг лекар доколку пациентот го бара тоа.
Кодекс на однесување - алерт 2
Во случај на недолично, агресивно однесување и/или напад на здравствен работник/соработник од страна на пациент или член на семејство на пациент, здравствените работници и соработници на клиниkата повикуваат служба за обезбедување ангажирана во рамки на Службата за заеднички и општи работи при кампусот Мајка Тереза.
Кодекс на однесување - Пријава
Доколку би сакале да дадете свој коментар околу работата на нашиот кадар, ве молиме пополнете ја следнава пријава